Климовски: Забраните се штетни, државата би останала без сериозни приходи

Професорот Сашо Климовски, кој е единствениот што има учебник на проблематиката игри на среќа и предава на Правниот факултет, смета дека забрана како во Албанија само ќе го пренесе бизнисот од легална и контролирана зона, во „сива“ зона која може само да го зголеми криминалитетот во државата.

Губење приходи на државата, губење на работните места на луѓето кои работат во корпорациите кои приредуваат игри на среќа и создавање правна несигурност кај кој било инвеститор се негативностите кои би можеле да се појават доколку во Македонија се затворат обложувалниците и автомат-клубовите, потег кој пред неколку месеци беше повлечен во Албанија. И кај нас има луѓе што го застапуваат албанскиот пример.

Во последните месеци актуелна е темата околу тоа дали треба да постојат обложувалниците, дали таквите објекти треба да бидат во близина на училишта и слично, но за Климовски, кој е експерт во областа, нема дилеми.

Во разговор за порталот Фактор.мк, професорот Климовски вели дека индустријата на игрите на среќа во Македонија е доста развиена и не ни треба албанскиот модел, туку да се искористи шансата со затворањето на објектите во Албанија.

„Цврсто сум убеден дека пример во овој случај никако не смее да ни биде Албанија. Одговорно тврдам дека Албанија многу скоро ќе се соочи со голем број негативните импликации, а кои задолжително се производ на вакви забрани. Гледано себично, како Македонец, дури може овој процес и да нѐ радува. Пограничните места со Албанија можат доколку мудро ги следат овие процеси, да се претворат во нова Гевгелија и нашата земја да има дополнителен извор на големи приходи и отворање нови работни места. Да погледнеме какви импликации имале кои било форми на забрани. Разните прохибиции на алкохол, како таа што била во САД во триесеттите години од минатиот век. Цветал криминалот и се јакнеле мафијашките структури, а од друга страна, државата беше изложена на загуби“, вели Климовски, кој смета дека игрите на среќа треба да бидат сфатени како забава, а не како извор на финансирање.

Според Климовски, благодарејќи на добрата регулација и на пазарната економија, но и на силната конкуренција меѓу приредувачите, понудата на игрите на среќа кај нас е на завидно ниво и не заостанува зад развиените земји. Деловните активности на приредувачите на игрите на среќа се од сериозно значење за нашата економија.

„Земете го предвид значењето на казината кои се наоѓаат во близина на Гевгелија и колкаво е значењето за локалната економија на тој град. Факт е дека Гевгелија се вбројува меѓу општините со најниска стапка на невработеност во нашата земја. Оваа гранка е значајна за вработеноста, но и за придонес кон буџетот на државата. Фактот што корпорациите регистрирани за приредување игри на среќа во Македонија се рангираат помеѓу 200-те најголеми корпорации, и тоа последователно во годините наназад, говори дека нивната пазарна пенетрација е значителна како во бројот на вработувања, така и индиректно во бруто домашниот производ“, вели Климовски, кој е единствен професор од регионот што го проучува ова од правен аспект.

„Игри на среќа имало и ќе има, тоа е општествен феномен кој потекнува од древните времиња до денес. Практично е невозможно да се искорени овој феномен, а целосната прохибиција само ќе го пренесе овој феномен од легална и контролирана зона, во „сивата“ зона, која може само да го зголеми криминалитетот во една држава и да ја стави само во трошок државата во негово сузбивање. Државата може да се обиде да ги спречи игрите на среќа, но во таква ситуација ќе се соочи со зголемена појава на диви обложувалници и автомат-клубови каде што нема ниту заштита за играчите, ниту приход за државата“, додава професорот.

Климовски потсетува дека за државата, игрите на среќа претставуваат значаен извор на средства како приходи кои покриваат голем дел од годишните програми или се користат за финансирање на хуманитарни или спортски активности за здруженија на граѓани. Проблем е и учеството на наши граѓани во игри на среќа на странски сајтови.

„Не се почитува законската забрана која ги ограничува нашите граѓани за учество во игри на среќа на странски веб-страници. Тоа води кон значително одлевање на девизни средства од нашите граѓани во другите држави каде што се регистрирани тие приредувачи. Ова е лошо од повеќе аспекти. Државата губи девизни средства и губи дел од фискализацијата на приходите, а во одреден степен отсуствува и заштита на учесниците на игрите на среќа кои се играат на странски сајтови. Државата мора да преземе итни мерки за да ги заштити потрошувачите, а секако тоа ќе биде и во нејзин интерес преку прибирање даноци“, смета Климовски.

Целото интервју можете да го прочитате тука.

Фотографии: faktor.mk

- Оглас -

Најнови вести