Јирген Клоп девет години беше тренер на Ливерпул, пред да одлучи да си замине на крајот од сезоната 2023/24. Германецот беше миленик на навивачите на Црвените, кои сè уште не можат да го преболат неговото заминување.
Во гостување на еден поткаст, Клоп најави дека можеби еден ден и ќе се врати во Ливерпул.
„Кажав дека никогаш нема да водат друг клуб во Англија. Тоа значи дека ако се вратам, тоа ќе биде во Ливерпул. Значи, теоретски е можно“, рече Клоп.
Германецот вели дека во моментов воопшто не му недостига тренерската работа.
„Го сакам тоа што го работам денес, воопшто не ми недостига тренерската работа. И понатаму тренирам, само тоа не се фудбалери. И тоа не ми недостига. Не ми недостига да бидам на дожд по два до три часа. Не ми недостига да одам на три прес-конференции неделно и да давам по 10 до 12 интервјуа неделно. Тоа воопшто не ми недостига. Не ми недостига да бидам во соблекувалната толку често, а сум бил тренер на над 1.000 натпревари. Значи многу време сум поминувал во соблекувалната. Имам 58 години, можеби за вас сум стар, но од друга страна, и не сум толку стар. Тоа значи дека одлуката би ја донел за некоја година. Не знам. Кога би морало да одлучам сега, повеќе не би бил тренер, но не морам да одлучам сега. Ќе видиме што ќе донесе иднината“, дополни Клоп.