Ливерпул утре на свој терен игра против Кристал Палас, во обид да продолжи со победничка низа во трката да стигне до првата титула во Премиер лигата, а 19-та во клупската историја кога се работи за англиското првенство. На овој меч, специјален гостин на Ливерпул ќе биде Бернард Шеридан. Со 104 години, Бернард е најстариот навивач на гигантот од „Енфилд Роуд“.
Шеридан е роден во 1915 година, а од 1923 година е навивач на Ливерпул. Тој ги памти освојувањето на 14 титули во првенството на Англија, сите седум ФА Купови, како и петте титули во Лигата на шампиони. Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп лично му напиша писмо на Бернард и го покани утре да биде на „Енфилд Роуд“ за дуелот против Кристал Палас. Тоа воедно е и честитка од Ливерпул за роденденот на Шеридан, кој треба да го прослави на 25 јануари.
„Ви благодарам на вашата долгогодишна поддршка и се надевам дека убаво ќе си поминете за вашиот роденден. Да го прославите со вашето семејство. Никогаш нема да сте сами“, напиша Клоп во писмото, незаборавајќи на крај да ја напише и познатата парола на фановите на Ливерпул.
Самиот Бернард беше многу возбуден од подарокот кој го доби и најави дека очекува сигурна победа на неговиот омилен клуб.
„За Ливерпул навивам откако знам за себе, но во последно време не можам често да одам на натпреварите. Воодушевен сум што во сабота ќе бидам на „Енфилд Роуд“. Секако, ќе победиме“, рече најстариот навивач на Ливерпул.