Маратонската низа на натпревари Ливерпул ја продолжува со дуел против градскиот ривал Евертон и тоа на „Енфилд роуд“. Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп е задоволен од тоа како се одвива сезонава за Ливерпул.
„Ситуацијата е тешка, затоа што играме речиси постојано. Секако дека е убаво да си во ситуација во која сме ние. Освоивме едно натпреварување, а во трка сме за уште три трофеи. Не очекував дека ќе го освоиме Лига Купот и дека ќе бидеме во финалето на ФА Купот, дека ќе бидеме еден бод зад лидерот во Премиер лигата и дека ќе бидеме дел од полуфиналето во Лигата на шампиони“, вели Клоп.
Додека Ливерпул е во трка за титулата, Евертон е на само еден бод од зоната за испаѓање. Карамелите имаат 29 бодови од 31 меч, а Барнли кој е во зоната за испаѓање е со 28 бодови.
„Што се однесува до дуелот со Евертон, откако сум тука, во лигата постојано има два клуба од градот. Пред градските дуели се зборува цела недела и се создава убава атмосфера. Луѓето само за тој дуел зборуваат и ќе биде навистина ќе ми недостасува Евертон ако испадне од лигата. Тоа е дерби“, вели Клоп.