Клоп не сака да биде селектор на Германија: Не сум на располагање, имам работа

Јирген Клоп нема да го наследи Јоаким Лев на селекторската позиција и јасно објави дека има ангажман, што значи дека останува кормилар на се уште актулениот англиски првак, Ливерпул.

„Не, нема да бидам селектор на Германија, ниту ова лето, ниту во иднина. Имам ангажман“, кусо изјави Клоп на прес-конференцијата пред мечот на Ливерпул со Лајпицг во Лигата на шампионите.

Иако беше најсериозен кандидат за замена на Лев, Клоп изненади со изјавата, што би значело дека сака да остане во Ливерпул.

Актуелниот селектор на германската фудбалска репрезентација, Јоаким Лев, потврди дека ќе си замине по завршување на Европското првенство кое се игра ова лето. Лев е дел од националниот тим од 2004 година кога беше асистент, а во 2006 година ја доби довербата да биде селектор.

Македонија е во група со Германија за квалификациите за Светското првенство во Катар во 2022 година и интересно ќе игра против Елфот со два различни селектори.

Лев ќе го предводи првиот фаворит во нашата група против Македонија на 31. март, а за вториот дуел во Скопје на 11. октомври годинава четирикратните светски прваци ќе имаат друг селектор.

По 15 години на чело на една од најдобрите репрезентации во светот, Лев си заминува како светски првак од Мундијалот во 2014 година.

„Сто отсто сум сигурен за мојата одлука дека е време да си заминам. Горд сум и навистина ми е чест што дури 17 години работев за развој на репрезентацијата. Имавме ѕвездени моменти како што е освојувањето на Мундијалот, но и лоши кога губевме на значајни натпреварувања. Благодарен сум на сите со кои соработував во овој долг период“, рече Лев на прес-конференцијата.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести