Клоп повикува на внимание пред мечот со тоталниот аутсајдер

Ливерпул вечерва на свој терен го пречекува данскиот претставник Митјиланд во меч од второто коло од Лигата на шампионите. Англискиот првак е апсолутен фаворит против дебитантот во групната фаза од елитното натпреварување, но тренерот Јирген Клоп вели дека мора да се има почит кон противникот.

„Тие се навистина добар тим. Загубија со 0:4 од Аталанта, но тој резултат не е одговор на квалитетот на Митјиланд. Мора добро да се подготвиме, да направиме план и да се држиме до него. Нѐ чека вистинска битка. Ниту еден клуб не е дел од групната фаза затоа што доаѓа од убав град или такво нешто.Во групната фаза се стигнува со квалитетен состав и затоа Митјиланд со право е дел од ЛШ. Нема мали клубови во оваа фаза. Сигурно нема да дојдат со развиорено бело знаме. На теренот се покажува колку си квалитетен, а не на прес-конференции“, рече Клоп.

Митјиланд е клуб кој е формиран само пред 21 година, па нормално е што досега немаат никогаш играно против Ливерпул во Европа. Иако постои само две децении, Митјиланд досега успеал трипати да стигне до шампионската титула во Данска.

Клоп најави дека за денешниот меч нема да смета на Тијаго Алкантара, Наби Кеита и Жоел Матип, но останатите играчи се подготвени. Мечот може да биде историски за Ливерпул, затоа што се чека на 10.000 гол во клупската историја.

 

- Оглас -

Најнови вести