Ливерпул граби кон првата титула во англиското првенство по пауза од 30 години, но тренерот Јирген Клоп во секој нареден меч влегува претпазливо. Гигантот од „Енфилд роуд“ има перфектни девет победи во девет меча на свој терен, а следен предизвик им е дуелот со Вулверхемптон.
Тоа е ривал кој на девет гостувања загуби само еднаш, а фактот дека синоќа со пресврт го победија Манчестер сити, дополнително го загрижи Клоп. Германскиот стратег посебно опасен го потенцираше Адам Траоре кој беше некогашна надеж на Барселона.
„Тренерот му го најде вистинското место на Траоре. Почна како офанзивен бек, а сега може да се трансформира како дел од напаѓачкото трио. Фантастичен играч, кој уште кога беше дете во Барселона покажа дека може многу да напредува. Веројатно тоа е најбрзиот играч во лигата. Многу е тешко да се игра против Вулверхемптон“, рече Клоп пред утрешниот меч на „Енфилд роуд“.
И резултатите од последните осум меѓусебни средби покажуваат дека Вулверхемптон може да биде опасен. Ливерпул има пет победи, а Волците се радувале три пати, што е одличен биланс против најдобриот тим во лигата.