Ливерпул има 11 победи и едно реми по првите 12 меча во Премиер лигата, па заслужено е на лидерската позиција дури со осум повеќе од второпласираниот Лестер. Во вчерашното големо дерби, Ливерпул на „Енфилд роуд“ го победи шампионот Манчестер сити со 3:1, во меч по кој гостите многу се жалеа на судиските одлуки. Според стратегот на Ливерпул, Јирген Клоп, немало многу сомнителни ситуации.
„Интензитетот на мечот беше неверојатен. За нас не е чудно да играме вакви мечеви. Сити ја контролираше играта, тој е многу квалитетен ривал. Сепак, ние успеавме да дадаме фантастични погодоци. Пред мечот зборував дека може да погодиме и со удар надвор од шеснаесетникот, но тоа што го направи Фабињо е неверојатно. За вториот гол на Салах немаше офсајд. Целиот тим беше постојано фокусиран и тоа е начинот на којшто ние можеме да победиме“, рече Клоп.
Додека Клоп беше задоволен од играта и победата, стратегот на гостите, Пеп Гвардиола, главната вина за неуспехот на Граѓаните ја префрли кај судиите. Според Гвардиола, во две ситуации судиите не виделе играње со рака на играч на Ливерпул во сопствениот шеснаесетник.
Иако Ливерпул веќе има осум бода пред Лестер и Челзи, а Сити заостанува дури девет бодови, германскиот стратег знае дека битката за титулата уште не е решена и дека има уште многу да се игра до крајот на првенството.