Јирген Клоп се врати во Лисабон, во своето среќно место од каде што во 2015 година почна незаборавната авантура на Германецот како менаџер на Ливерпул.
Приказната што ја потврди и самиот Клоп е дека пред 7 години добил телефонски повик од раководството на англискиот гигант за да биде нов тренер на Црвените од „Енфилд“, а во тој момент бил во кафуле во главниот град на Португалија.
Потоа на 8 октомври 2015 година Клоп потпиша тригодишен договор со Ливерпул, каде што сè уште е тренер, а сега за првпат по 7 години е во Лисабон.
На „Луж“ вечерва од 21 часот ќе се обиде да го надмудри Нелсон Верисимо, тренерот на Бенфика, во првиот дуел од четвртфиналниот двомеч во Лигата на шампионите.
„Единствено што не сакав е да ни падне англиска екипа во четврфиналето. Се радувам што повторно сум во Лисабон. Бенфика е гигант на европскиот фудбал и нема да ни биде лесно, како што многумина очекуваат“, изјави Клоп.
Ливерпул со него како кормилар беше европски првак во 2019 година, го освои и пехарот во Супер купот на Европа и Светскиот клупски куп во организација на ФИФА.
Една година подоцна Ливерпул за првпат откако постои Премиер лигата стана шампион на Англија и го прекина постот без титула што траеше цели 30 години.