Клубот кој е филијала на Манчестер сити испишува фудбалска бајка, ќе може ли да ги „замрси сметките“ на Реал и Барса?

Во шпанската Примера дивисион се одиграа 12 кола, а на врвот на табелата не се ниту Реал Мадрид, ниту Барселона. На чело не е една од екипите на Атлетико Мадрид, Реал Сосиедад, Валенсија, за кои бевме навикнати некогаш да бидат рамо до рамо со најтрофејните. Малиот тим на Жирона е лидер во шпанското првенство.

Со 10 победи, еден нерешен резултат и само еден пораз, Жирона има 31 бод. Не само што има најмногу бодови, тоа е екипа која постигна и најмногу погодоци сезонава, дури 29. Колку за споредба, ѕвездите на Реал Мадрид досега постигнаа 23 погодоци, а тие од Барселона се радуваа на 24 гола во првенството.

Едноставно, Жирона ја испишува најубавата фудбалска бајка во европскиот фудбал сезонава. Тоа е клуб кој е формиран во 1930 година и досега нема освоено ниту еден вреден трофеј во клупската историја.

Жирона за првпат во Примера дивисион се појавува во 2017 година, кога заврши на 10-тото место. Следната сезона тимот играше очајно и испадна во Сегунда. По три години поминати во втора лига, Жирона пред една сезона се врати во елитното друштво и минатата сезона заврши на 10-тото место. Сезонава никој не очекуваше дека токму оваа екипа може да биде пред Реал Мадрид и Барселона, и тоа по речиси една третина од првенството.

Од август 2017 година, кога клубот првпат и влезе во Примера, доби нов сопственик. „Сити фудбал групацијата“, која е главна во Манчестер сити, има доминантен број од акциите во Жирона, клуб кој едноставно стана филијала на англискиот премиерлигаш.

Јан Коуто, Ерик Гарсија, Алекс Гарсија и Јангел Ерера се поранешни фудбалери на Сити, додека најдобриот тим на Жирона сезонава е Бразилецот Савио, кој стигна од Троја, клуб кој исто така е член на групацијата која е сопственик на Манчестер сити.

- Оглас -

Најнови вести