Клубот одлучи да го задржи: Италијанскиот фудбалер кој е осуден за сексуален напад ќе продолжи да игра фудбал

Фудбалерот на Падова, Мичел Лигури, минатиот четврток беше првостепено осуден на казна затвор од три години и четири месеци поради сексуален напад врз 14-годишно девојче во 2018 година.

Тој тогаш имал 19 години и според пресудата, без согласност имал сексуален однос со малолетничката. Фудбалерот негира дека настанот се случил на тој начин тврдејќи дека девојчето се согласило, но судот не ги прифати неговите искази. Сепак, најголемиот скандал го предизвика неговиот моментален клуб Падова, кој одлучи да не го суспендира и тој продолжи да игра.

„Соочен со ваква казна, дури и во прв степен, клубот мораше да испрати друга порака, барем да бидат почувствителни кон жртвата, но и кон општеството. Мора да се посвети поголемо внимание на родовото насилство“, порача Кјара Галани, локална политичарка од Падова.

Лигури најави дека ќе се жали на пресудата, а клубот во соопштение информираше дека фудбалерот ќе тренира и ќе настапува сè до правосилната пресуда.

- Оглас -

Најнови вести