НБА лигата им дозволи на клубовите да ги намалат или укинат платите на кошаркарите. Нема начин како да се оствари профит во период кога сезоната е привремено суспендирана, па затоа од следниот месец клубовите ќе може да се потпрат на правилото да се намалат или целосно укинат платите на играчите во случај на природна катастрофа, војна или пандемија како што е случајот.
Неодамна лигата ја прекина сезоната поради пандемијата со Коронавирусот, откако се потврдија првите заразени кошаркари во редовите на Јута џез. Впрочем, вирусот Ковид-19 направи хаос во спортскиот свет кој моментално е во застој и нејасно е кога, односно дали воопшто ќе се продолжи сезоната во НБА лигата и сите останати првенства.
Американските медиуми тврдат дека платите за март ќе бидат целосно исплатени, а од април истите ќе се намалуваат. Во случај кризата да продолжи, примањата на кошаркарите дефинитивно ќе се укинат. Во таков случај, укинување или намалување на платите ќе се однесува на натпреварите кои нема да се одиграат додека трае прекинот на првенството.