За некого трансферот на Илкај Гундоган од европскиот првак Манчестер сити во Барселона беше изненадување, но Германецот ги преферира убавото сончево време и храната пред парите.
Токму градот Манчестер е најголемата пречка за клубовите Сити и Јунајтед да убедат некој странец да им се приклучи.
Дани Алвес беше пред трансфер во Сити во 2017 година, но иако работата беше договорена, во последен момент се премисли и премина во парискиот ПСЖ. Причината беше што неговата сопруга Хоана Санс не сакаше да живее во Манчестер.
Иако Манчестер има трансформација на подобро во последните години, сепак заостанува зад Мадрид, Барселона, Милано, Париз или Рим како локации во кои фудбалерите сакаат да живеат.
Критики на адреса на времето во Манчестер имаше и од Анхел ди Марија, Нолито, а им се придружи и Гундоган. Ако си замине и Бернардо Силва, тоа би било од истите причини. Нолито се жалеше дека рано се стемнува и дека неговата ќерка не видела сонце и изгледала како да живее во пештера, па лекарите препорачаа да зема Витамин Д.
Карлос Тевес не сакаше да научи англиски јазик, а седум години беше во Англија.
На Халанд и Грилиш не им пречи што се во Манчестер, таму освојуваат титули и градот не е толку голем фактор за младите играчи. Но, за играчите во поодминати фудбалски години кои освоиле многу трофеи подобро е да се игра во потоплите краишта. Некои како сопругите на Ди Марија и на Гундоган, и девојката на Де Хеа се жалеа на храната во рестораните во Манчестер.
Има и поинакви примери како Хуан Мата, кому не му пречеше да живее во Манчестер и кој секогаш го фали градот, па и сега кога си замина, но таквите се ретки.