
Горан Андревски е еден од оние луѓе кои се „заразени“ со спорт, ги бодри македонските репрезентации каде и да се, а ако останел на ветувањето кое си го дал себеси пред шест и пол години, сега немаше да биде во Данска. За среќа, тој ќе биде еден од членовите на Фалангата кои ќе бидат вечерва во Хернинг како поддршка на нашите ракометари.

„Омилен спорт ми е фудбалот, па кошарката и ракометот. Сум бил на Евробаскетите во 2011 во Литванија и во Словенија во 2013, на ЕП во фудбал во 2011. На ракомет одам од 2009 на првенството во Хрватска, потоа бев и во Полска, пак во Хрватска, главно на сите спортови. Атмосферава е супер и кога би имало европско или светско првенство во навивање, ние би победиле. На терен е потешко отколку во кафеана, но очекувам играчите да дадат сè од себе, да го остават срцето на терен, да изгинат, да покажат максимум, за што тоа ќе биде доволно, ќе видиме. Ние ќе ги бодриме, што и да направат ќе ја имаат нашата поддршка. Имало многу интересни ситуации на патувањата, би ја издвоил онаа во авионот за Литванија во 2011, кога само што полетавме, почна навивањето: ќе го тумбаме, и мислев дека навистина може авионот да падне“, раскажува адвокатот.

Горан е фан на Вардар и од 2019 наваму, по успехот на РК Вардар во Келн смета дека е целосно исполнет човек.

„Кога Вардар стана европски првак во ракомет 2019, реков дека веќе нема да одам, се чувствував како исполнет човек, си велев сега можам да умрам среќен. Ме премислија другарите, ова е убав провод и убаво си поминуваш на вакви патувања“, вели Горан, еден од оние членови на Фалангата кои со автобус од Скопје дојдоа до Данска.

