Штутгарт одигра добар меч на стартот од новата сезона во Бундеслигата и со ремито 1:1 стигна до четвртото место на вечната листа со најмногу бодови во историјата на германскиот клупски фудбал.
Тимот за кој настапува македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов, како единствен наш играч во моментов во Бундеслигата сега има 2733 бода вкупно во сите досега одиграни натпревари и го дели четвртото место со Хамбургер.
Популарниот ХСВ е второлигаш, што значи дека Штутгарт сигурно ќе му побегне со бодовите и ќе се зацврсти на четвртата позиција.
И според титулите, а Штутгарт ги има вкупно пет, популарните Шваби се високо рангирани на делба на шестото место со Борусија Менхенгладбах.
Баерн е неприкосновен во сите можни категории со рекордни 32 шампионски круни и со 3927 бода, а според бодовите, зад Баварците се Борусија Дортмунд, Вердер, Штутгарт, Хамбургер, Борусија Менхенгладбах, Шалке 04 и Ајнтрахт Франкфурт во октетот најуспешни во Германија.
https://twitter.com/VfB/status/1556623230349230080?s=20&t=LqZ-_BJgltI-huckYxVqfw
Според бројот на титули, Баерн е лидер со 32, пред локалниот ривал од Баварија, Нирнберг со девет, па следува Борусија Дортмунд со 8, Шалке 04 со седум, Хамбургер со шест, по пет имаат Штутгарт и Борусија Менхенгладбах, по четири Вердер и Кајзерслаутерн….