Кој е најдобриот играч во Европа за минатата сезона?

Вирџил ван Дајк, Кристијано Роналдо или Лионел Меси? Кој од овие тројца фудбалери ќе биде избран за најдобар според УЕФА, ќе се знае вечерва. Минатата сезона оваа награда му припадна на Лука Модриќ, кога Хрватот ја прекина доминацијата на Меси и Роналдо. Сега Ван Дајк е во можност да ги престигне Меси и Роналдо.

УЕФА оваа награда за првпат ја воведе во 2011 година, а Роналдо е рекордер и трипати беше најдобар (2014, 2016, 2017). Меси ова признание го освојуваше во 2011 и 2015 година, а Ван Дајк за прв пат е во најтесниот избор за победник.

СИТЕ ТРОЈЦА СЕ РАДУВАА НА ТРОФЕИ

Роналдо ја одигра првата сезона во дресот на Јувентус и се радуваше на трофејот во Серија А. За Старата дама тоа беше продолжување на доминацијата бидејќи веќе осма година по ред е шампион на Италија. Освен на клупско ниво, Кристијано имаше успех и во репрезентацијата. Португалија стана прв освојувач на Лигата на нациите, а Роналдо беше капитен и имаше можност прв да го крене овој трофеј на УЕФА.

Меси повторно беше предводник на Барселона во одбрана на титулата во шпанското првенство. Сепак, Лео имаше разочарување со националниот тим на Аргентина. Гаучосите не успеаја да се радуваат на трофејот на Копа Америка откако во полуфиналето загубија од домаќинот Бразил, кој подоцна се искачи и на тронот.

Ван Дајк беше столбот во одбраната на Ливерпул. Дефанзивецот не успеа ниту еден фудбалер да го издрибла, што само потврдува за неговата стабилност. Холанѓанецот со Ливерпул се радуваше на титулата во Лигата на шампионите, а малку недостасуваше да биде првак и во Премиер лигата.

Право на глас во изборот за најдобар имаат сите 80 клубови кои беа дел од групната фаза во ЛШ и ЛЕ. Гласови има и од 55 медиуми од цела Европа. Во исчекување на изборот за Топ 3 во Европа, на листата од четврто до десетто место се најдоа: Бекер, Мане, Салах, Азар, Де Лихт, Де Јонг и Стерлинг.

 

- Оглас -

Најнови вести