Tрадиционалната манифестација изборот на „Спортисти на годината“ синоќа се одржа по 71-ви пат, каде што беа доделени наградите и признанијата на сите оние кои беа избрани за најдобри во различни категории. За најдобри спортисти во сениорска конкуренција беа прогласени боксерот Ален Рустемовски и Катерина Попева, која имаше успешна година во бодибилдинг натпреварувањата.
„Фајтерските“ спортови доминираа и кога се работи за најдобрите во младинските категории, па признанијата заминаа за боксерот Адријан Рустемовски и Даниела Алексовска во џиу-џицу. Најдобар тренер/селектор е легендарниот борач Могамед Ибрагимов, додека најдобра федерација е Џудо федерацијата на Македонија.
Секоја чест за сите овие спортисти и спортски работници кои напорно работат и го даваат максимумот за да бидат најдобри. Секако дека секое вакво признание е само мотив да бидат уште подобри и да донесат нови медали на натпреварувањата кои им престојат и се надеваме дека во 2026 година ќе бидат уште поуспешни на спортската сцена.
ФУДБАЛОТ И КОШАРКАТА КАКО ДА НЕ ПОСТОЕЈА НА ИЗБОРОТ
Сепак, кога ќе се погледне листата на најдобрите и оние кои освоија признанија, не може, а да не се забележи дека ниту едно признание, ниту една награда нема за фудбалот и кошарката.
Одбојкарската репрезентација, која во 2025 година се избори за настап на ново Европско првенство, е најдобрата машка репрезентација. Одбојкарите го продолжија континуитетот со настап на големи натпреварувања и поради тие резултати го освоија и признанието на синоќешната манифестација.
Честа на ракометот кој се прокламира за спорт од национален интерес на манифестацијата за Најдобри во 2025 година беше спасена со признанието дадено за женската ракометна репрезентација. Овој национален тим беше прогласен за најдобра женска селекција за 2025 година, иако резултатите не се баш за фалење.
Во 2025 година ракометарките одиграа вкупно 11 меча и имаа биланс од три победи (сите на пријателски дуели), едно реми на пријателски меч, како и седум порази (три во пријателски средби, два во баражот за пласман на СП и два во квалификациите за ЕП).
ЛАЗАРОВ СО АЛКАЛОИД ГИ РАСТУРИ ГРЦИТЕ, СОЗДАВА МАКЕДОНСКА РАКОМЕТНА ИДНИНА, НО ОСТАНА ЗАД ИБРАГИМОВ И НАТУРАЛИЗИРАНИТЕ РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ
Вака-така оваа женска репрезентација го спаси образот на ракометот да не остане без признание во 2025 година. На пример: Кирил Лазаров, кој со Алкалоид освои европски клупски трофеј, остана зад Ибрагимов, кој беше селектор на Егоров и Нуров на СП во Хрватска. Егоров беше петти, а Нуров на крајот заврши на 15-тото место.
Тој резултат се покажа како доволен за Ибрагимов да го „победи“ Лазаров, кој со Алкалоид згази во Европскиот куп и донесе трофеј, а со репрезентацијата на Македонија го продолжи континуитетот со настапи на големи натпреварувања и буквално ја креира националната селекција со домашни сили, а не натурализирани спортисти.
ЌЕ ИГРАМЕ БАРАЖ ЗА СП 2026, НО И ТОА НЕ Е ДОВОЛНО ЗА ФУДБАЛОТ ДА ДОБИЕ ПРИЗНАНИЕ ВО ОВОЈ ИЗБОР
Фудбалот и кошарката воопшто како да не постојат во Македонија, барем кога се работи за овој избор затоа што наградите и признанијата останаа мисловна именка. Додуша фудбалот беше спомнат како награден, но по грешка на директорот на националната машка репрезентација, Илија Најдоски, затоа што таа награда сепак им припадна на џудистите, кои ја имаат најуспешната спортска федерација.
Фудбалерите во 2025 година се изборија да играат бараж за СП 2026, имаме имиња како Елиф Елмас, кој игра во Лигата на шампионите и е дел од шампионот на Италија, потоа тука се и Миовски и Димитриевски, кои играат во елитни лиги… Изминатата година имаше големи инвестиции и промена на подобро во ФФМ, но во изборот на Министерстовот за спорт и Сојузот на спортските федерации на Македонија сето ова не беше доволно за да се добие некакво признание.
И секоја чест на сите спортови, но фудбалот е убедливо најпопуларен, фудбалски Мундијал, па макар тоа да биде и бараж, далеку е над сите големи натпреварувања во поединечните и било кои други тимски спортови. А, Македонија уште има шанса да биде дел од најголемиот спортски настан кој се одржува еднаш во четири години (не како останатите ЕП и СП кои се играат секоја или преку една година) и тоа благодарение на резултатите на фудбалерите во 2025 година.
КОШАРКАТА ПАЃА НА СÈ ПОНИСКО НИВО, ОДРЕДЕНИ ПОЕДИНЕЧНИ БЛЕСОЦИ СЕ САМО ПОТСЕТУВАЊЕ НА ТОА ШТО НЕКОГАШ ОВОЈ СПОРТ ЗНАЧЕШЕ ВО МАКЕДОНИЈА
Во кошарката го имаме Ненад Димитриевски, кој игра на врвно ниво во елитната Евролига. Кај девојките тука е Анџелика Митрашиновиќ, која испиша историја како најдобар стрелец во македонската репрезентација.
Машката кошаркарска репрезентација во 2025 година имаше биланс од шест победи и четири порази. Тоа беа дуели од претквалификации и контролни мечеви, но ако женската ракометна репрезентација е најдобра само со една победа на контролен меч, тогаш и кошаркарите можеа да се надеваат на некое признание што би било поттик да продолжат да работат уште подобро.
МЗТ Скопје Аеродром е клубот кој доминираше, освојувајќи ги пехарите во првенството, купот и суперкупот, но абер немаше Штрковите да влезат во некоја номинација.
Веќе поминува еден месец од 2026 година, се надеваме дека оваа година ќе биде многу, многу, поуспешна од 2025 година и на крајот, во декември, во изборот ќе имаме спортисти кои оствариле забележителни резултати за кои ќе се збори цела година.

