Филипе Кутињо конечно го дофати трофејот во Лигата на шампионите, но не како што планираше, носејќи го дресот на Барселона. Иако поради оваа цел го напушти Ливерпул и се пресели на „Камп ноу“, Бразилецот стана европски првак со Баерн Минхен.
Позајмицата на „Алијанц арената“ се покажа како вистинска одлука за Кутињо, со оглед на тоа дека ја освои тројната круна, а по вчерашниот успех, се појавија информации дека Каталонците ќе мора да му исплатат пет милиони евра на Ливерпул како бонус од трансферот на Кутињо за освојување на Лигата на шампионите.
Сепак, каталонскиот лист „Мундо депортиво“ посочи дека Барселона нема да му исплати ниту пара на англискиот шампион бидејќи Кутињо не ја освои титулата со нив, туку со друг клуб. Од таборот на Ливерпул, пак, се убедени дека оваа трансакција треба да се оствари бидејќи не било потенцирано дека Кутињо мора да ја освои континенталната титула со Каталонците.
Инаку, Барса веќе исплати 120 милиони евра за ангажманот на Кутињо, па затоа Ливерпул и да не ги добие дополнителните пет милиони евра нема премногу да се разочара.