Кој му е крив за лошите резултати? Клоп жестоко го нападна Манчестер јунајтед!

Само со два освоени бода во последните три меча, Ливерпул е во опасност да ја загуби лидерската позиција во Премиер лигата. Актуелниот англиски првак синоќа загуби на гостувањето кај Саутхемптон минимално со 1:0, а тренерот Јирген Клоп беше многу лут на судиите и на ВАР-технологијата.

Во 50-тата минута Вајналдум шутираше, топката удри во раката на Стивенс, а иако тоа се случуваше во шеснаесетникот, пенал не беше досуден. Таа ситуација може да ја погледнете ТУКА. Подоцна гостите бараа најстрога казна и по еден дуел на Мане со еден домашен фудбалер во казнениот простор, но и тогаш арбитерот Андре Маринер реши дека нема услови за пенал за Ливерпул.

По мечот, Клоп направи споредба за тоа колку пенали добил неговиот тим, а колку биле досудени за најголемиот нивен ривал Манчестер јунајтед.

„Само што ми кажаа дека на Манчестер јунајтед му биле досудени повеќе пенали во последните две години отколку нам во пет и пол сезони. Не знам како може тоа да е така. Ако некој рече дека Мане глумел, тоа ќе биде најлошата шега што сум ја слушнал“, луто коментираше Клоп, кој подоцна сепак призна дека нема оправдување за лошата игра на неговиот тим. „Сепак, нема оправдување за нашиот лош настап. Не можеме да ги смениме судиските одлуки и мора да ги почитуваме. Тоа што можеме да го смениме е начинот на нашата игра. Тоа е нашата цел сега“, коментираше Клоп по поразот од Саутхемптон.

По овој пораз, Ливерпул остана на 33 бода, колку што има и Манчестер јунајтед. Црвените ѓаволи играат на 12 јануари и ако не загубат од Барнли, ќе направат нешто што го чекаат осум години! 

 

- Оглас -

Најнови вести