Навивачката група Комити, која го поддржува Вардар, денеска одбележува 35-годишнина од своето формирање. Комитите на 4 јуни 1987 година, првпат како група навиваа за фудбалскиот клуб Вардар, и тоа на западната трибина на Градскиот стадион во Скопје.
Од тогаш па до денеска, тие се верен поддржува на Црвено-црните и на фудбалските и на ракометните мечеви. Вечерва пред салата „Јане Сандански“ ќе се прославува роденденот, но и двојната круна на ракометниот клуб Вардар.
„Среќен Роденден Комити!
Но да се навратиме 35 години наназад…
Се собравме за да формираме една група која ќе ги застапува и ќе ги претставува со своите дејствија, најголемиот дел од навивачите на Вардар. Но како да се вика?
Едно име е на масата како предлог, Комити, и знамето ќе стои на Западната Трибина!Предлогот е прифатен од насобраните, но е прифатен и од скопската младина.
Датумот е 4 Јуни, 1987 година. ФК Вардар ја освојува Шампионската титула. На Западната Трибина грозница на секој натпревар…Брзо се исполнува и секогаш е жешко, а условот за влез е да се носи реквизит на Вардар, маичка, капа, шал, знаменце…без тоа не влегуваш ни со родител.
Многу историја, многу приказни, многу радости, не ретко и тага, многу Скопски Легенди излегоа од тука, многу случки, многу активности, непрекината борба…борба за одбрана на вредностите и идеалите кои природно се создаваа, во една таква толку разнолика, а истовремено толку сплотена средина…се создадоа, и се уште се бранат со истиот ентузијазам и енергија.
Вардар во срцето, Македонија во душата!
Далеку од политика, а сепак државотворни, за да се чуе нашиот глас, глас кој безмалку секогаш, е и гласот на народот. Беше и остана Трибината, Бастион на Македонштината! Бевме на врвот, имавме и падови, но никогаш не ја компромитиравме идејата, ниту дозволивме било кога нашето име, и се она што браниме со него, да биде победено.
Вардар беше и секогаш ќе биде Гордост Македонска!
И кога освојуваме Титули, и кога сме во понизок ранг, нема да дозволиме да бидеме деморализирани. Секогаш од Западот ќе се препознае онаа енергија, која со себе ја носи младината, новите генерации дојдоа, и ќе доаѓаат, но тука ќе бидат пречекани и позади нив ќе стојат и основачите, и оние по нив. Затоа сме силни, затоа ги положивме сите тестови на времето, затоа што увидовме дека треба да стојат под исти бајрак, сите оние кои како нас се борат за црвено црните бои, но и за вистинските вредности.
Денес славиме 35 години!
И кога ќе славиме 100 години, повторно како и денес, ќе браниме се она што пред нас е оставено, и за кое се изборија тие пред нас.
Силни Комити му се потребни на Вардар, потребни му се и на фудбалот и спортот, потребни и се и на Македонија.
Силни сме затоа што сме едно, од сите страни, и од сите генерации.
Ве повикуваме вечерва да ни се придружите на нашата прослава, на нашите Јубилеи 35 години Комити, 15-та титула и 15-ти куп на РК Вардар, пет години од првата европска титула во 2017-та, и најава за 75 години ФК Вардар, за што ќе има натпревар на Градски Стадион на кој ќе се обележи, на кој и ние ќе го прославиме тој убав јубилеј.
Вечерва бидете со нас во овој спектакл, но и забава пред салата Јане Сандански од 21 часот.
Титули и Јубилеи!“ – порачаа Комити на Фејсбук.