Вардар загуби од Шкендија со 0-1 во дербито на колото од Првата македонска фудбалска лига, а навивачите на скопските Црвено-црни, Комитите, имаа порака до раководството на клубот, но и до Фудбалската федерација на Македонија.
Во 65-тата минута на западната трибина на стадионот на ФФМ беше истакната парола на која пишуваше: „Фудбалот беден на натпревари во работно време сведен“.
Јасно, пораката е упатена поради терминот за мечот, кој беше дерби за врвот од табелата. Одлуката беше мечот да се игра во работен ден, четврток, и тоа од 14 часот.
Сепак, поради воведувањето на ВАР-системот, прволигашки фудбал оваа сезона се игра речиси секој ден, па и од ФФМ немаат голем избор барем кога се работи за термините.
Комити во текот на мечот изразија и несогласување со одлуката на Вардар, мечот против Шкендија да се игра на теренот на ФФМ, а не на Националната арена.


