Празник на фудбалот беше денеска во Кавадарци. Како ретко кога во последните неколку години, на меч меѓу две македонски екипи, имаше неколку илјади гледачи. Вардар и Скопје играа во баражот за пласман во Прва лига, а на крајот се радуваше најтрофејниот македонски клуб.
По две години поминати во Втора лига, Црвено-црните се враќаат во елитата, откако со 3:0 го победија Скопје, за радост на повеќе од 2.000 вардарови Комити кои беа на трибините на стадионот во Кавадарци.
Одлични беа фудбалерите на Вардар на теренот, а навивачите на трибините беа перфектни и создадоа одлична атмосфера, која на крајот беше и победничка за Комити, кои уште пред тргнувањето кон Кавадарци направија фешта пред СЦ Јане Сандански.