Вардар блесна кога беше најпотребно и се врати во Прва лига (Видео)

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар го победи Скопје со 3:0 во бараж дуелот за пласман во Прва лига, што значи дека Црвено-црните од следната сезона се враќа во елитното друштво. Дарко Размоски постигна два гола, а еднаш стрелаше и Дарко Глишиќ за радост на повеќе од 2.000 вардарови навивачи на трибините на стадионот во Кавадарци.

Уште во третата минута Вардар се израдува. По еден слободен удар и мешаница во петерецот на Скопје, Размоски најдобро се снајде и погоди за 1:0.

Тоа беше резултат на полувреме, а во вториот дел, Вардар започна уште посиловито и тоа резултираше со два погодоци за само 15 минути. Во 50 минута, Размоски повторно беше стрелец за 2:0.

Сите дилеми околу победникот беа решени во 59 минута, кога Глишиќ со прецизен шут од работ на шеснаесетникот погоди за 3:0.

Вардар две сезони помина во Втора лига, уште има многу проблеми со основно функционирање и работење на клубот, но играчите на теренот покажаа срце, желба и квалитет дека треба да бидат во Прва лига во следната сезона.

- Оглас -

Најнови вести