Баерн Минхен денеска го претстави новиот тренер Винсан Компани, кој порача дека верува во себе пред најголемиот предизвик во досегашната тренерска кариера.
„За мене ова не е шок. Живеам за тренерската работа толку интензивно, така што немам време за изненадувања. Челниците на Баерн Минхен веднаш ме убедија дека сум вистинскиот човек за нив“, беа првите зборови на Компани како тренер на Баерн.
Белгиецот, кој во последните две сезони седеше на клупата на Барнли, рече и дека не се плаши од предизвикот да води тим како Баерн, кој ги навикна своите навивачи на успеси.
„Го почитувам тоа што луѓето имаат свое мислење. Тоа што можам да го контролирам се мојата работа и фудбалерите. Доколку ние сме најдобри, тогаш сите ќе нè следат. Можете и 10.000 пати да ме прашате за притисокот, мојот одговор секогаш ќе биде идентичен – тоа не е мој дел од животот“, рече Компани, кој не сакаше да зборува за играчите и за неговите желби во летниот преоден рок.
„Сè уште е рано да зборуваме за играчите. Се радувам на работата со нив, сакам да видам колку се гладни. Знам дека Баерн не ја освои титулата и ќе барам играчи кои се гладни да освојуваат трофеи во дресот на Баерн“.
Компани дојде на местото на Томас Тухел, кој сезонава не успеа да освои ниту еден трофеј.