Комплетна доминација: Најважните трофеи во 2024 година завршија во Шпанија

Фудбалската 2024 година полека, но сигурно ја архивираме, а таа ќе остане запаметена по комплетната доминација на шпанскиот фудбал на Стариот Континент. Олимписките игри беа најголемиот спортски настап во 2024 година, но Европското фудбалско првенство беше најзначајниот настан за љубителите на фудбалот.

Црвената фурија на континенталниот собир дојде тивко, не беше фаворит за титулата, но со победата над Англија од 2-1 во Берлин дојде до трофејот од Европското првенство.

Доминацијата ја потврди и на Олимписките игри, откако во финалето го совлада домаќинот Франција со импресивни 5-3, но дури по продолженија.

Најважниот трофеј во клупскиот фудбал, оној од Лигата на шампионите, го освои Реал Мадрид, со победата од 2-0 над Борусија Дортмунд во финалето на „Вембли“ во Лондон. Аталанта се радуваше на трофејот од Лигата на Европа, додека во Конференциската лига изненадувачки се радуваше грчкиот Олимпијакос.

Кралевите ја освоија и Ла Лига, додека во Премиер лигата продолжи доминацијата на Манчестер сити, кој дојде до четвртиот трофеј по ред. Најголемото изненадување го приреди Баер Леверкузен, кој го симна Баерн Минхен од тронот, додека трофејот од Серија А го освои Интер.

Најзначајниот настан надвор од Европа беше Копа Америка, а трофејот го освои Аргентина, која предводена од Лионел Меси во финалето во Мајами ја совлада Колумбија со 1-0, но дури по продолженијата.

Пред крајот на оваа 2024 година се одржа и манифестацијата за доделување на Златната топка, која заврши во рацете на фудбалерот на Манчестер сити, Родри, а ќе останат запаметени протестите од Реал Мадрид, од каде што сметаа дека признанието го заслужи нивниот фудбалер, Винисиус.

- Оглас -

Најнови вести