Легендарниот шведски фудбалер Златан Ибрахимовиќ, кој за себе смета дека е Господ и најдобар фудбалер на светот, ретко дава комплименти за своите колеги, но за Лука Модриќ има само пофални зборови. Откако Модриќ во минатата година благодарение на игрите и резултатите со Реал Мадрид во ЛШ и репрезентацијата на Хрватска на СП ги освои сите индивидуални награди за фудбалер на годината, Ибра кажа дека е среќен што играч со „негова крв“ е толку успешен.
„Сум играл против Модриќ кога тој уште беше млад. Сега е искусен, одлично ја контролира топката и има неверојатна визија за играта и темпото. Среќен сум што ги освои наградите за играч на годината. Не се случува често таков тип на играч од среден ред да добие таков кредит. Обично наградите ги освојуваат напаѓачи, но минатата година навистина беше негова. Плус тоа, тој е дел од мојата крв. Мајка ми е од Хрватска, па и јас сум од Хрватска, исто како и Лука“, изјави Ибрахимовиќ, кој е член на Лос Анџелес галакси.
Таткото на Златан е Бошњакот Шефик од Бјелина, а мајка му Јурка е Хрватка од Шкабрњa. Семејството во 1977 година се пресели во Шведска, а четири години подоцна Златан се роди во предградие на Малме.