Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, е контроверзен лик, тоа одамна не е вест во Италија, но овојпат навистина ги надмина сите очекувања.
Италијанските медиуми пренесуваат дека Наполи веќе има подготвена замена за Антонио Конте, а тоа е Масимилијано Алегри. Се чини дека нешто се случува под Везув, и тоа токму во моментите кога клубот е на чекор од ново „скудето“.
Според информациите, многу е веројатно дека Антонио Конте сам побарал да си замине на крајот од сезоната.
Сето тоа не би било толку необично, ако веста не се појавеше само три кола пред крајот на сезоната, во време кога Наполи има три бода предност пред Интер и реални шанси да стане шампион на Италија.
Наполи до крајот на сезоната игра дома против Џенова, на гости кај Парма и повторно дома против Каљари. Од друга страна, Интер му гостува на Торино, потоа игра дома со Лацио и оди на гости кај Комо.