Конте: Интер е на вистинскиот пат

Антонио Конте ги пофали фудбалерите на Интер за прикажаната игра на двомечот со Наполи и е задоволен, иако испаднаа во полуфиналето на италијанскиот куп.

„Не можам ништо да им забележам на играчите. Интер заслужи повеќе и во двата меча со Наполи, но начинот на кој игравме ни го покажува вистнскиот пат. Можеби треба да ги критикувам за слабата реализација, но се друго беше по мој вкус“, вели Конте.

Тренерот на Интер е познат како своевиден перфекционист, а Нероаѕурите и на првиот меч и вчера во реваншот имаа доминација и подобри шанси од Наполи, но испаднаа со вкупен резултат од 1:2.

„Создадовме доста шанси и ни фалеше гол за да стасаме до целта. И Оспина имаше неверојатни одбрани, но важно е да продолжиме да играме како што тоа го правевме и на двата меча. Тоа е стилот на фудбал што сакаме да го играме“, додаде Конте.

Интер ќе игра против Сампдорија на рестартот на италијанското првенство, а тој меч е закажан за 21. јуни и ќе се игра без публика на „Џузепе Меаца“. На 12 кола до крајот на Серија А избраниците на Конте се на третата позиција со 54 бода, девет помалку од лидерот Јувентус и осум од Лацио, но одиграа еден меч помалку.

 

- Оглас -

Најнови вести