Наполи најмалку до вечерва ќе биде осамен лидер на табелата во Серија А, откако славеше тешка победа на гостувањето кај Лече, па сега на потег е Рома, која треба да победи против Парма за да се израмни со лидерот.
Нашиот Елиф Елмас беше стартер, но Антонио Конте мака мачи со повредите, па на списокот освен Де Бројне и Лукаку, сега е и Ланг.
„Овие натпревари никогаш не се лесни, посебно по натпреварот против Интер, на којшто се исцрпивме. Игравме против добра екипа, секогаш е тешко да се игра во Лече. Мислам дека требаше да бидеме подобри во завршницата од акциите, дури и не преземавме голем ризик. Менталитетот е пред сè. Првото полувреме беше многу добро, а тој пенал можеше да промени многу работи, но нашиот голман беше одличен и ја заслуживме победата. Луѓето забораваат дека мораме да се снаоѓаме. Зборуваат за големи засилувања, а сега некои велат дека повредите на Лукаку и Де Бројне ни одат во прилог. Тоа е апсурдно. Сега на голот го имаме само Милинковиќ-Савиќ, но летоска некои прашуваа зошто толку вложувавме во квалитетен голман“, рече Конте по мечот.

