Ниту Ѓоковиќ и Димитров нема да играат на САД опен?

Бугарскиот тенисер Григор Димитров, изјави дека уште не е сигурен дали ќе учествува на претстојниот гренд-слем турнир САД опен, кој почнува на 31 август, а истото се однесува и на Новак Ѓоковиќ, кого иако го има на листата, уште не потврдил дека ќе се појави.

„За нас од Европа, тешко е. Мора да патуваме 12 часа до Њујорк, да менуваме летови, да одиме во хотел, па во карантин. Не е баш лесно. Дури и ако се постигне договор со властите во врска со карантинот, не може да знаеме што ќе се случува од ден во ден. Ако некој се зарази, целата работа ќе се искомпликува“ – вели Димитров кој беше во центарот на вниманието кога за време на егзибициските турнири во Белград и Задар откри дека има коронавирус, па го зарази и првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ.

Од семејството на Новак беа многу лути, го напаѓаа Димитров, но односот на Бугаринот и Србинот остануваат добри.

„Неодамна разговарав со Новак, добар е. Слушнав дека сите кои беа позитивни за време на Адрија тур сега се целосно закрепнати и се вратија на терен“ – додаде популарниот Гришо.

Ѓоковиќ ако игра и го освои САД опен, може да освои многу поени и да направи огромна разлика на АТП листата. Ако ги нема ни Ѓоковиќ, ни Надал, ни Федерер (Шпанецот и Швајцарецот дефинитивно откажаа), турнирот ќе биде осакатен и ќе загуби на атрактивност. Конечната одлука на Новак ќе се донесе за некој ден.
- Оглас -

Најнови вести