Корона-вирусот ќе ги чини европските клубови загуба од 4 милијарди евра!

Клубовите во фудбалска Европа во текот на оваа, но и следната сезона ќе изгубат повеќе од четири милијарди евра поради пандемијата со корона-вирусот, тврдат од Европското здружение на клубовите (ЕКА).

Во своето истражување ЕКА проценува дека клубовите од 55-те земји членки на УЕФА оваа сезона ќе имаат вкупна загуба од 1,6 милијарди евра, додека губитокот за следната 2020/21 сезона ќе биде дури 2,4 милијарди евра. Во оваа пресметка не се вклучени заработките на клубовите од трансферите на играчите.

Поради опасниот вирус, фудбалот во Европа беше „замрзнат“ повеќе од три месеци, но поради големите финансиски загуби кои беа претрпени во тој период, поголем дел од националните првенства решија да продолжат да играат без присуство на публика. На тој начин можеа да се обезбедат пари од ТВ-преносите, но свесно се оставија заработките кои ги имаат клубовите од продажба на билетите и сите пропратни материјали додека навивачите се на стадините.

„Резултатите покажуваат дека финансиското влијание на корона-вирусот врз европските клубови во овој период е еден вид сеиземички шок. За жал, тој шок ќе продолжи и следната сезона, па ова ќе биде вистинска егзистенционална криза за фудбалот“, се вели во извештајот од ЕКА.

Најголемите загуби секако ќе паднат врз клубовите од најсилните лиги. Проценките се дека од немањето продажба на билети во Топ-5 лигите во Европа, загубата е дури 400 милиони евра. Оваа сума во следната сезона ќе биде тројно поголема доколку не се смени нешто и ако повторно мораат средбите да се играат без гледачи.

 

- Оглас -

Најнови вести