Коронавирусот ќе го урне и последниот бастион во европскиот фудбал

Последниот бастион на фудбалот во Европа, белоруската лига, може да падне. Генералниот секретар на интернационалниот синдикат на професионални фудбалери (ФИФПро), Јонас Баер Хофман, рече дека се загрижени што во Белорусија уште се игра фудбал, и тоа со публика на трибините.

Хофман откри дека играчи од белоруски клубови барале помош од ФИФПро и изразиле загриженост за своето здравје.

„Бараме Белорусија да ги преземе сите мерки на претпазливост како и во целиот свет. Не ни е јасно како може да се игра. Разумот наложува дека секде треба да се применуваат истите стандарди“ – изјави Хофман.

Во Белорусија, каде што се одиграа две кола, а третото треба да се игра од петок до недела, има еден починат од Коронавирусот, но претседателот на таа земја, Александар Лукашенко, во свој стил објасни како 75-годишниот човек ја загубил битката.

„Кутриот човек, не издржа. Имунитетот му беше ослабен, имаше неколку болести. На жена му и ќерка му не им е ништо, нивниот имунитет е силен“, рече Лукашенко.

- Оглас -

Најнови вести