14.8 C
Skopje
среда, 22 октомври 2025

Кошаркарите на Пелистер со историска победа во ФИБА Европа купот

Кошаркарите на Пелистер ја остварија првата историска победа во ФИБА Европа купот, совладувајќи го тимот на Приевидза со резултат 90-83 во натпреварот од второто коло на ова натпреварување.

Ова беше воедно и првиот европски меч одигран во битолската сала „Боро Чурлевски“, па иако трибините не беа целосно исполнети, битолчани имаа совршена вечер.

Гостите од Словачка го отворија натпреварот подобро и водеа во првата четвртина, со највисока предност од 16-22. По првите десет минути, резултатот беше 18-22. Приевидза продолжи во добар ритам и во вториот период имаше контрола над резултатот, но Пелистер успеа да направи серија од 8-0 и да поведе, па на полувреме се замина со минимални 41-40.

Во второто полувреме, избраниците на Александар Даскаловски стартуваа моќно. По 44-44, направија серија од 12-0 и изградија значителна предност. Тие ја одржаа контролата и во последната четвртина влегоа со резултат 68-56.

Во завршницата, Пелистер повторно започна силно и ја зголеми предноста до 81-61, но потоа следуваше пад во играта. Со серија грешки на домашните, Приевидза се врати и ја намали разликата на само 81-79. Тогаш, со четири клучни поени на Никола Малешевиќ, битолчани ја задржаа предноста и стигнаа до заслужена победа.

Остин Прајс беше најдобар стрелец на натпреварот со 25 поени, додека Никола Малешевиќ постигна 18. Во таборот на Приевидза, најистакнат беше Џо Тусант со 24 поени.

- Оглас -

Најнови вести