Кошаркарски спектакл во чест на Дражен Петровиќ, во Загреб доаѓаат и ѕвездите од оригиналниот дрим-тим

Во чест на 60-тиот роденден на легендарниот хрватски кошаркар Дражен Петровиќ, неговото семејство, Владата на Хрватска и Хрватската кошаркарска федерација на петти септември ќе организираат спектакл „Меморијален натпревар во спомен на Дражен Петровиќ“, на кој дел ќе бидат и поранешни НБА-ѕвезди.

На спектаклот во Загреб како гости ќе присуствуваат бројни кошаркари, од денешните НБА-ѕвезди за кои Дражен беше пример, па сè до соиграчите на Дражен коишто играа на Олимписките игри во Барселона 1992 година и дел од кошаркарите кои беа дел од оригиналниот дрим-тим.

„Што се однесува до самиот натпревар, од една страна ќе биде најсилната хрватска репрезентација, која ќе биде во елитното друштво, против најдобрите европски кошаркари коишто играат во Европа. Соиграчите на Дражен од ЛОИ 1992 година во Барселона ќе бидат специјални гости на овој натпревар, а покани ќе упатиме и до членовите на оригиналниот дрим-тим на САД против кого игравме во финалето. Се надеваме дека и актуелните големи НБА-ѕвезди, Лука Дончиќ и Никола Јокиќ, ќе присуствуваат на овој спектакл“, изјави братот на Дражен, Александар Петровиќ.

Еден од најдобрите кошаркари на сите времиња е роден на 22 октомври 1964 година во Шибеник, а загина во сообраќајна несреќа на 7 јуни 1993 година на автопатот кај Денкендорф, во близина на Инголштад во Германија.

- Оглас -

Најнови вести