Австралискиот тим Аделаида 36-ерс приреди сензација со победата од 134-124 над еден од најдобрите тимови во НБА-лигата, Феникс санс.
НБА-екипите се подготвуваат за новата сезона, која стартува на 18 октомври, а иако не се во натпреварувачка форма, Сонцата не смееја да си дозволат да примат 134 поени од Аделаида, која во минатата сезона беше седмопласирана во австралиската лига.
Феникс беше најуспешен тим во регуларната сезона во НБА во минатата сезона и против Аделаида настапи комплетен, по 22 минути играа стартерите Пол, Букер, Џонсон, Бриџис и Ајтон.
Кај Аделаида феноменални беа Рендал и Френкс кои заедно погодија дури 15 тројки и искомбинираа 67 поени. Австралискиот тим погоди речиси неверојатни 24 тројки од 43 обиди, што е одличен процент од 55,8 отсто реализација.
Вистинска реткост е НБА-тимови да загубат од екипи кои не се од нивната лига, но досега најчесто се случуваше изненадувања да приредат некои европски клубови од Евролигата, а никогаш седмопласиран тим од австралиското првенство.