Љупче Дориев е дополнително повикан во А селекцијата на Македонија за мечот со Естонија во недела во Скопје, а Ковид-19 направи вистински хаос и доведе до принудни измени.
Тројцата младински репрезентативци, Чурлинов, Тодоровски и Јанков кои беа прекомандувани во сениорскиот состав се вратени во младинската селекција во која има случаи на корона-вирус и нема да можат да настапат против Естонија во меч од Лигата на Нации.
Тие беа одредени како замени за Пандев, Адеми, Алиоски и Димитриевски, квартет што нема да игра против Естонците.
По неочекуваниот пресврт и строгите протоколи за тестирање на репрезентативците, сега само Дориев дополнително ќе се приклучи во А тимот, најпрво утре на тренинг, а потоа и задутре за претпоследниот меч на Македонија во групата од Ц сегментот во второто издание на Лигата на Нации.
Натпреварот се игра на арената „Тодор Проески“ во Скопје в недела од 15 часот.