Кратко и јасно со погодени четири натпревари за само едно полувреме одиграни со знак Т1 2+, Саше Н. е победник на последната етапа во играта „Погоди најголем коефициент на ОНЛАЈН тикет“, а наградата е мобилен телефон „ајфон 11“.
Секако тука е и добивката што е остварена со четири погодени натпревари во првото полувреме, па ќарот е двоен, а коефициентот на победничкиот тикет е одличен и изнесува 2024.19.
Последната петта етапа од 18. до 27. ноември во овој циклус за ОНЛАЈН обложување што се наградува со „ајфон 11“ рано му донесе предност на победникот што успеа да ја задржи предноста до крајот.
Одиграни се четири натпревари од англиските лиги играни минатата сабота со знак Т1 2+ прво полувреме, односно дека домаќините ќе постигнат најмалку два гола во првиот дел и сите се погодени.
Тајриз Кемпбел со два брзи гола за 120 секунди во 31. и во 33. минута му донесе предност на Стоук против Хадерсфилд, а Саше Н. си заокружи одличен коефициент од 6.80.
Играчите на Флитвуд таун беа уште побрзи, па со голови во четвртата и во седмата минута поведоа со 2:0 против Плимут, за нов фатен топ-коефициент од 6.30.
Ирецот Ронан Куртис исто така беше двоен стрелец, за Портсмут против Кру, а домаќините водеа со 2:0 по првото полувреме, таман за нов погодок на добитниот и шампионски ОНЛАЈН тикет со коефициент од 6.75.
Лесно до Т1 2+ во првото полувреме стаса и Транмере против Гримзби. Домаќините постигнаа дури четири гола за 45 минути игра, доволно за успешно погоден коефициент од 7.00 и добитен тикет што носи и пари и „ајфон 11“ за шампионски одигран тикет во последната од петте етапи со вредна награда плус, мобилен телефон што го додели Sport Life.