Точно пред 17 години, Манчестер јунајтед својот играчки кадар го поднови со младиот Кристијано Роналдо, кој тогаш имаше 18 години и беше млада ѕвезда на Спортинг Лисабон. Талентот на Роналдо беше неспорен, но никој не можеше да тврди со сигурност дека тој ќе се снајде во новата средина. Сепак, менаџерот Алекс Фергусон имаше доверба во него, му даде шанса и не зажали.
Роналдо стана еден од најдобрите фудбалери на светот, освои трофеи и во Премиер лигата и во Лигата на шампионите, а сега иако има 35 години, уште е меѓу најдобрите и гладен е за голови како и кога првпат заигра на големата сцена.
Португалецот испиша историја секаде каде што играше во сениорската кариера, а фановите се сеќаваат на првиот ден на Роналдо во Јунајтед, најмногу по неговата несекојдневна гардероба. На претставувањето на „Олд Трафорд“ дојде во фармерки ѕвонарки и чевли кои сега нема шанса да ги облече.
Легендарна е и неговата блуза со шарена предница, во која шеташе низ клупските простории каде првпат се сретна со менаџерот Фергусон и некои од соиграчите како Руд Ван Нистелрој.
Сега Роналдо е модна икона, тој ги диктира трендовите, и изгледа многу подобро отколку пред 17 години, кога немаше доволно пари за да троши на дотерување и својот изглед.