Кристијано Роналдо применува необични третмани за да биде подготвен за Светското првенство

Кристијано Роналдо се сврте кон пресотерапијата за да закрепне што побрзо од повредата и да биде целосно подготвен за Светско првенство во фудбал, кое започнува на 11 јуни. Португалската ѕвезда се повреди кон крајот на февруари, а во моментов е во Мадрид на терапии за да ја санира повредата на бутниот мускул.

Роналдо мораше да го напушти теренот на 28 февруари за време на победата од 3-1 на неговиот Ал-Наср над Ал-Фахи во Саудиската професионална лига. Подоцна беше утврдено дека претрпел повреда на тетивата на коленото, што предизвика загриженост за сериозноста на проблемот.
Тренерот на Ал-Наср, Жорж Жезус, потврди дека ситуацијата е посериозна отколку што првично се чинело и португалскиот напаѓач отпатува во Шпанија на лекување.

Тој и денес е таму на лекување со пресотерапија, а третманот е опишан како „необичен“.

Пресотерапијата е терапевтски метод при кој со контролирано вдувување воздух се создава притисок на одредени делови од телото за да се поттикне механичкото движење на акумулираната меѓуклеточна течност.

На овој начин се активира лимфниот систем, па од организмот побрзо се отстрануваат вишок течности и непосакувани супстанци. По третманот често се чувствува релаксација, намалување на оток и ублажување на болка ако претходно била присутна.

Репрезентацијата на Португалија овој месец игра два пријателски натпревари, на 28 март против Мексико и на 31 март против САД. Засега е неизвесно дали Роналдо ќе биде подготвен за овие средби.

Капитенот на Португалија се надева дека неговото учество на Светското првенство нема да дојде под прашање. Неговата репрезентација во јуни ќе игра во групата К против Колумбија, Узбекистан и уште еден противник кој ќе биде одреден подоцна.

- Оглас -

Најнови вести