Реал Мадрид вечерва на својот „Сантијаго Бернабеу“ го пречекува Еспањол во меч од шестото коло на Примера дивисион. Кралскиот клуб пред само неколку дена одигра тежок дуел во Лигата на шампиони на кои победи со 3:1 против Штутгарт, а сега има нов предизвик.
Според некои анализи, можно е да се случи вечерва Анчелоти да одмори дел од своите стандардни првотимци кои имаа жесток старт во новата сезона. Шпанскиот новинар Хулио Пулидо анализира дека италијанскиот стратег на чело на Реал Мадрид не е голем љубител на тоа да прави експерименти во стартниот состав.
„Анчелоти постојано се жали на распоредот, тоа го прават сите. Но тој иако има широк ростер на играчи, секој меч на теренот ги испраќа истите играчи. Сега не смее да си дозволи неуспех, бидејќи може да се случи Барселона многу да им избега. Сепак, ако се погледне историјата на Анчелоти, тој не е љубител на ротирање на составот. Моментално не ротира, а времето ќе покаже дали тоа ќе му се исплати или ќе мора да „плати“ поради таа одлука“, вели Пулидо.
Реал Мадрид има седум победи и само еден пораз во последните осум меча против Еспањол.