Манчестер јунајтед загуби од Манчестер сити во Лига купот, а легендата на Црвените ѓаволи и актуелен аналитичар, Рој Кин, жестоко го критикуваше неговиот омилен тим, а особена мета му беше Португалецот Бруно Фернандеш.
„Повторно не добивме важен меч, но веќе ништо не може да ме зачуди. Ова беше можност да стигнеме до финале, но ја пропуштивме. Мислам дека го заслуживме поразот, Сити беше подобар. Сакам да му кажам на Бруно Фернандеш, дека лидерите се гледаат на големите натпревари, се надевам дека тој брзо ќе го сфати ова. Против поскромните тимови секој може, но кога ќе дојдат решавачките битки, тогаш се гледаат вистинските мажи. Фернандеш беше многу слаб. Му честитам на Сити, тие ќе се борат за трофеј, ние пак ќе бидеме пред телевизор“ – рече Кин.
Ирецот смета дека на Јунајтед му фалат играчи со шампионски менталитет.
„Фернандеш собира пофалби, луѓето го споредуваат со Ерик Кантона. Но, Кантона освојуваше трофеи. Кантона играше добро на важни натпревари и придонесуваше за освојување пехари. Бруно никаде го немаше против Сити. На овој тим на Јунајтед му треба еден играч каков што беше Кантона“ – додаде Кин.