Барселона минимално со 1:0 славеше на гостувањето кај Уеска, што е само осма победа во 16-тиот меч сезонава за каталонскиот гигант во Примера дивисион. На синоќешното гостување, Барселона постојано напаѓаше, но на крајот даде само еден гол, кој, за нивна среќа, се покажа како доволен за освојување на трите бода.
Играчот за врска Френки де Јонг беше стрелец на погодокот за победа, а по завршување на дуелот, тренерот на Барселона, Роналд Куман, потенцираше дека нападот е проблем за неговиот тим и најави дека можно е да се купи голгетер.
„Уште од почетокот на сезоната неколку пати повторувам дека не е потребен фудбалер кој ќе знае да постигнува голови. Добро е што победуваме и на вакви мечеви како против Уеска, тимот добива на самодоверба. Конкуренцијата за титулата е голема и ќе биде интересно првенство“, рече Куман.
Холандскиот стратег, кој пред почетокот на сезоната дојде во Барселона, како прв и најдрастичен потег му беше бркањето на Луис Суарес од клубот. Куман велеше дека Суарес му е непотребен во екипата, па Уругваецот си замина во Атлетико Мадрид, каде што блеска. Токму благодарение на голот на Суарес во 90-тата минута, Атлетико вчера победи на гости кај Алавес и Јорганџиите се вратија на чело на табелата.
Суарес одигра 12 меча за Атлетико, во кои постигна девет првенствени гола. Колку за споредба, четворицата офанзивци на Барселона, Гриезман, Брајтвајт, Дембеле и Кутињо, заедно сезонава имаат девет погодоци, што само ја потврдува потребата на играч голгетер во каталонскиот гигант.
Барселона веќе в среда ја очекува нов предизвик во првенството, и тоа на гости кај Атлетик Билбао.