Една од најконтроверзните личности во фудбалска Шпанија, секако, е претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас. Тој веќе подолг период е во отворена војна со раководството на Барселона, од каде што велат дека е навивач на Реал Мадрид, но сега критики за него стигнаа и од таборот на Кралевите.
Голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа, отворено го нападна првиот човек на Ла Лига, за кого вели дека сака само да биде во центарот на вниманието.
„Ла Лига секогаш е иста. Да слушаш такви коментари, како оние од претседателот … Немам видено таков претседател во Англија или Италија, така да зборува. Не може да ни ги одземете одморите. Игравме на Светското клупско првенство, што е одличен турнир и никој нема проблем со играње на толку натпревари, но ни треба одмор. За да имаме добра сезона, потребен ни е одмор. Ние сме единствениот спорт во светот со толку натпреварувања. Се надевам дека Ла Лига ќе ги промени термините за првото коло и да поченеме една седмица подоцна бидејќи здравјето на фудбалерите мора да биде на прво место. Овој господин сака да биде во центарот на вниманието, а јас немам видено некој друг претседател така да зборува“, рече Куртоа.
Новата сезона во Ла Лига започнува на 15 август, додека Реал Мадрид својот прв меч го игра четири дена подоцна на домашен терен против Осасуна.