Екипата на Барселона изминатиов викенд пропушти предност од 3:0 против Селта Виго, а во еден од моментите кога водеше екипата од Каталонија, наводно Филипе Кутињо одбил да влезе во игра.
Шпанските медиуми пишуваа дека тој требаше да го замени повредениот Ансу Фати во првиот дел, но и дека одбил такво нешто. Сепак, Кутињо сето тоа го демантираше.
„Бев изненаден кога видов медиумите што пишуваат за мене. Целата своја кариера јас сум голем професионалец, а медиумите некогаш измислуваат работи за мене“, изјави Кутињо и се надоврза за доаѓањето на новиот тренер, Чави.
„Кога бев во Катар поради третман на повредата, за Чави слушав само убави работи и се надевам дека ќе успее да ја врати Барселона на потребното ниво. Се надевам дека ќе добијам шанса да се докажам“.
Кутињо за Барселона има одиграно 72 натпревари и има постигнато 16 погодоци.