Македонската ракометна репрезентација нема друг избор освен да брка две победи во дуелите со Естонија на гости и Литванија на мечот во Скопје, ако сака да обезбеди место на завршницата на Европското првенство кое ќе се игра во јануари 2026 година.
Филип Кузмановски ја има капитенската лента во нашиот состав, а тоа е и играчот кој треба да биде и вистински лидер на теренот. Популарниот Фитиљ верува во успех и пласман на Македонија на континенталниот собир.
„Не треба никого да го потцениме, мора да имаме почит за секој ривал. Знаеме како игравме на претходните две средби со Литванија на гости и со Естонија на домашен терен. Сите играчи сме во форма, имаме доста повредени играчи кои ќе ни фалат, но сите кои што сме тука ќе го дадеме максимумот. Ќе се спремиме максимално и сите треба да играме и да очекуваме на две убедливи победи со Естонија и Литванија. На првиот меч со Естонците имаше многу голови. Пристапот ни беше малку лош, но се подобривме. Мора сите сериозно да ги сфатиме ривалите. Поквалитетни сме, очекуваме поддршка и се надевам ќе се радуваме заедно на ново Европско првенство. Се наоѓаме во финишот на сезоната кој е најважен дел, сите играчи се во форма. Но, тоа ни го носи секоја година. Тука сме моментално најдобрите и селекторот го знае изборот. Ќе одиграме најдобро, целта ни е пласман на Европското првенство“, изјави Кузмановски.