Огњен Кузмиќ, кој пред 10 дена имаше сообраќајна несреќа во која за малку ќе го загубеше животот, а мина со тешки повреди на главата и градниот кош, закрепнува побрзо од предвиденото.
Тој сега е на одделението за интензивна нега на Ургентниот центар во Белград, а во посета му дојде претседателот на Црвена ѕвезда, Небојша Човиќ, и сопругата Томиша со синот Николај, кои дојдоа од САД.
Иако лекарскиот конзилиум инсистира на претпазливост, кошаркарот нормално се храни и комуницира со околината.
„Сакам да им се заблагодарам на сите кои се грижеа и се грижат за мене по ова што го доживеав и преживеав. На прво место се претседателот и сите од Ѕвезда, потоа министерот за здравје, лекарите, целиот персонал, медицинските сестри, останатите лекари, докторите во Бања Лука, бившите и сегашните соиграчи, селекторот, навивачите. Фановите навистина ме трогнаа со оној транспарент на стадионот. Се чувствувам добро, одиме напред“, рече Кузмиќ за сајтот на неговиот клуб Ѕвезда, во кој дојде од Реал Мадрид.
На Кузмиќ му беа оперирани скршените вилици, а наскоро можеби и ќе биде пуштен на домашно лекување.