Ветеранот Фабио Кваљарела кој има одлична сезона во дресот на Сампдорија, после девет години повторно заигра за Италија, и тоа на стадионот во Удине, каде играше како домашен од 2007 до 2009 гоина, постигнувајќи 23 гола за Удинезе.
Иако има 36 години, тој е во топ-форма, сезонава во Серија А има повеќе голови и од Кристијано Роналдо, па беше бурно поздравен од публиката. Селекторот Роберто Манчини не само што го награди Кваљарела со повик, туку му даде шанса и да игра против Финска, внесувајќи го во игра на местото на Чиро Имобиле.
Кваљарела не даде гол, но тој не е тип кој се предава. Во вторник во Парма против Лихтенштајн, ќе има нова прилика да постигне гол во дресот на својата репрезентација.
„Им благодарам на гледачите што ме поздравија. Не можам да најдам зборови за да опишам како се чувствувам. Имав убав престој во Удине. Штета што не дадов гол, ќе беше уште подобро, но и вака е ОК. Мило ми е што повторно сум во репрезентацијата. Не размислувам дали би играл на ЕП следната година. Не гледам толку далеку во иднината. Сега целта ми е да продолжам да играм добро за Сампдорија, а потоа ќе видиме“ – изјави Кваљарела.