Партнерството меѓу Ла Лига и „Најки“ ќе заврши по 23 години соработка, а од следната сезона „Пума“ ќе ги произведува топките со кои ќе се играат првенствените натпревари во Шпанија. Договорот со германската компанија за спортска опрема е постигнат пред неколку дена, а почнувајќи од сезоната 2019/20 и во двете сезони потоа на терените во најелитното шпанско првенство ќе се тркалаат топки на „Пума“.
Со склучувањето на овој договор, прекината е најдолгата соработка во Европа меѓу едно првенство и спортски бренд. Една од причините за смена на брендот е што „Најки“ е проширен во многу други национални шампионати, како Премиер лигата, а од таборот на Ла Лига сметаат дека на овој начин ќе бидат ексклузивни.
Германската компанија за спортска опрема пред извесно време потврди дека ќе започне соработка со Валенсија и ќе ги прави дизајните на нивните дресови во следните три години, почнувајќи од следната сезона. Заштитно лице на „Пума“ е еден од најдобрите фудбалери во Ла Лига, напаѓачот на Атлетико Мадрид, Антоан Гриезман.
„Пума“ исто така влезе на големата врата и во Премиер лигата. Веќе неколку сезони го „облекува“ Арсенал, а од наредната сезона ќе ги произведува и дресовите на Манчестер сити, откако беше постигнат еднодецениски договор вреден 650 милиони фунти.