Арсенал го совлада Челзи со 3-1, а головите ги дадоа Лака (прекарот на Лаказет), Џака и Сака. Домашните беа неочекувано доминантни, а од друга страна Челзи покажа немоќ како ретко кога сезонава.
Челзи во финишот преку Абрахам и со помош на ВАР го ублажи поразот, и спречи за првпат во премиерлигашката историја да загуби меч на таканаречениот Боксинг деј со три гола разлика. Во судиското продолжение Челзи имаше прилика да намали и на 2-3, но Жоржињо не реализираше пенал.
Сините имаат три порази во последните четири кола, и формата како да им падна откако Јирген Клоп изјави дека тие се главни кандидати за титулата во Премиерлигата.
Најубавиот гол вечерва го даде Гранит Џака, кој погоди од слободен удар, иако и тој на Сака беше феноменален. И покрај поразот, Челзи е на само три бода од второпласираниот Лестер.