Лампард ќе биде прв англиски менаџер на Челзи во ерата на Абрамович

Веќе е јасно дека Френк Лампард ќе биде новиот менаџер на Челзи, кој доаѓа на местото на Маурисио Сари. Двете страни постигнаа договор и се чека само официјализација, а клупската легенда ќе биде прв Англичанец кој го презема кормилото во ерата на Роман Абрамович.

Рускиот тајкун го купи Челзи во 2003 година, досега смени голем број на менаџери, но ниту еден од нив немаше англиско потекло. Абрамович досега најмногу имал доверба во италијански стратези – Клаудио Раниери, Карло Анчелоти, Роберто Ди Матео, Антонио Конте и Маурисио Сари се петте менаџери кои дојдоа од Апенините.

Потоа следуваат Жозе Мурињо и Андре Вилјаш-Боаш кои дојдоа од Португалија, а меѓу нив довербата ја добиваа Рафа Бенитес од Шпанија, Аврам Грант од Израел, Гус Хидинк од Холандија и Луис Фелипе Сколари од Бразил.

Последен англиски менаџер на Сините беше Глен Ходл, кој беше на клупата од 1993 до 1996 година, а во две од трите сезони беше тренер/играч. Цели 23 години Челзи нема видено Англичанец на кормилото, а Лампард доаѓа да ја смени таа традиција. Сепак, и покрај честата смена на менаџерите, Челзи во изминативе 15 години реди успеси како на англиско тло, така и на европско.

Петпати беа шампиони на Англија, освоени се и неколку трофеи во ФА и Лига купот на Англија, додека еден пехар од Лигата на шампионите и два од Лигата на Европа истотака стојат во трофеј-кабинетот на лондонскиот клуб.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести